Рикер: Спорот за името не е нешто што некој друг може да го реши во име на Македонија и Грција
Спорот околу името меѓу Македонија и Грција не е нешто што некој друг може да го реши во нивно име, вели заменик-помошникот државен секретар Филип Рикер на средба со новинарите во Вашингтон за американската политика кон Балканот.
- Ние тоа не можеме да го сториме за двете земји. Веќе повеќе години ги поттикнуваме. Аплаудиравме на напорите на сега веќе поранешниот премиер Папандреу и премиерот Груевски да се среќаваат и да дискутираат за прашањето, а секако продолжуваме да ги поддржуваме напорите на посредникот на ОН Метју Нимиц, одговори американскиот дипломат на новинарско прашање дали САД планираат нов притисок пред Самитот на НАТО наредната година во Чикаго.
Пред две недели, на конгресен распит за состојбите на Балканот, поранешниот амбасадор во НАТО Курт Вокер, пак, предложи САД и ЕУ координирано да извршат притисок и да ја реафирмираат валидноста на Времената спогодба, со што Македонија прво би влегла во Алијансата под референцата ПЈРМ, а потоа би се решавал спорот околу името.
Запрашан за ваквата варијанта, особено во контекст на претстојната пресуда на Меѓународниот суд на правдата, Рикер, јави Глсот на Америка на македонски јазик, потсети на условот на НАТО – прво решение за името, па потоа покана за членство.
- За Меѓународниот суд на правдата, не би сакал да прејудицирам за одлуката. Но, основната ситуација е иста: НАТО мошне јасно наведе и во бројни прилики повтори дека Македонија ќе добие покана да се приклучи по решавањето на прашањето со името. Ние ќе продолжиме да ги охрабруваме Македонија и Грција да соработуваат за да најдат решение што одговара на обете страни, а ние тоа ќе го прифатиме, рече Рикер.
Поранешниот амбасадор во Македонија рече и дека посредникот Нимиц е на располагање на двете земји, а дека најкусиот пат до решение се разговори на иста маса.
