Истекува рокот за понуди на тендерот за автопатoт Демир Капија - Смоквица

Денеска истекува рокот за доставување понуди на тендерот за избор на изведувач на градежните работи за изградба на автопатната делница Демир Капија – Смоквица во должина од 28,2 километри на Коридорот 10, проект вреден 270 милиони евра.
Според пропишаните критериуми на огласот, објавен од Европската комисија на 31 август годинава, понудувачите мора да обезбедат гаранција од три милиони евра, а нивниот вкупен просечен годишен обрт за градежни работи во текот на последните три години да изнесува најмалку 150 милиони евра. Треба да исполнат и критериуми кои се однесуваат на искуството во реализацијата на слични проекти, односно да имаат завршено изградба на најмалку еден автопат со вредност на договорот од 250 милиони евра, или пак да имаат активен договор за проект во истата вредност, чиј степен на реализација е најмалку 60 проценти. Исто така, треба да имаат искуство во изградба на тунели и мостови и да ги поседуваат сите соодветни професионални дозволи.
За реализација на проектот се обезбедени 45 милиони евра од претпристапните фондови на Европската унија (ИПА), 130 милиони евра од Европската инвестициска банка, 90 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, како и шест милиони евра од македонската Агенција за државни пртишта.
Новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, како дел од Пан-европскиот Коридор 10 треба да се реализира како целосно автопатско решение. Предвидено е овој автопат да содржи 2+2 коловозни ленти со широчина од 3,50 метри за секој правец, физички одвоени со средна лента од три метри, со предвидена дозволена брзина од 110 километри на час постојано по целата лента. На трасата е предвиденo да има шест двоколовозни моста, два тунела, две клучки, едната кај населеното место Миравци, а другата кај Смоквица, пет натпатници, вклучувајки ги и тие на клучките, седум потпатника и секундарна патна мрежа од 15 километри, локални и пристапни патишта.
Овој суптилен жанр ги опфаќа убавините на Македонија, нејзините сакрални и природни споменици , културното и духовното наследство, традицијата, етносот, фолклорот, легендите, минатото и сегашноста...повеќе

