Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

Убедлива победа на Кукурику коалицијата, ХДЗ во опозиција

 

Коалицијата Кукурику забележа убедлива победа на парламентарните избори во Хрватска и најверојатно ќе има апсолутно мнозинство во хрватскиот Сабор. 

Премиер на новата хрватска влада ќе биде Зоран Милановиќ, претседател на Социјалдемократската партија, покрај која коалицијата ја сочинуваат и Хрватската народна партија, Истарскиот демократски сабор и Хрватската партија на пензионерите.

Кукурику коалицијата ќе има 77 мандати, додека ХДЗ, која е во коалиција со Хрватската граѓанска партија и демократскиот центар, ќе освојат 48 пратенички места, во кои се вклучени и сите три мандати од дијаспората, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на синоќешната прес-конференција.

Идниот премиер порача дека коалицијата Кукурику веднаш по преземањето на власта ќе прекине со многу хрватски политички традиции, што значи дека ќе функционира целосно транспарентно и исклучиво во интерес на граѓаните.

- Успеавме околу нашата програма и околу нас како луѓе да собереме голем број на граѓани, но работата само што почнува. Поддршката е голема, но не е апсолутна, бидејќи многу не гласаа за нас. Тоа не не обврзува, но не предупредува дека живееме во општество во кое кон сите имаме обврска, истакна Милановиќ пред своите симпатизери во Изборниот штаб на коалицијата.

Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ и ја честиташе победата на Кукурику коалицијата изразувајќи очекување дека со новата влада ќе соработува подобро отколку со администрацијата на премиерката во заминување Јадранка Косор.

- Очекувам дека владата од првиот ден ќе тргне во решевање на проблемите. Слушнавме дека опозицијата ќе биде силна и тоа е дел од демократските стандарди, нагласи шефот на државата.

Досегашната премиерка и лидер на ХДЗ Јадранка Косор најави дека оваа партија ќе биде конструктивна, но остра опозиција.

- ХДЗ останува цврсто на нозе и во опозиција чесно ќе му служи на својот народ. Во хрватскиот Сабор ќе ги браниме хрватските национални интереси и во се што ќе работиме како пратеници ќе докажуваме дека членовите на нашата партија даваат се за Хрватска, но Хрватска не ја даваат за ништо, порача Косор.